Чудо ми помогна да го победам ракот и да станам мајка: Искрена приказна на Бојана Крстовиќ-Јовановиќ


Пред нешто повеќе од 11 години, болеста ѝ ја одзема можноста да ужива во детството, а денес, откако излезе како победник по битката со ракот, Бојана Крстовиќ

  • Споделете преку:

Пред нешто повеќе од 11 години, болеста ѝ ја одзема можноста да ужива во детството, а денес, откако излезе како победник по битката со ракот, Бојана Крстовиќ- Јовановиќ од Подгорица вели дека верува во чуда. Храбрата 23 годишна жена која е угостителски менаџер, пред два месеци стана мајка на Леона. Иако кај неа и кај сопругот Марко постоел голем страв, дали сонот да станат родители ќе им се оствари, длабоко во себе верувале дека нивната приказна заслужува среќен продолжеток. Бојана минатата година беше во Струга, како гостин на големата конференција на деца кои го победиле ракот, која ја организираше САНО, асоцијација за подобро здравје, едукација и социјална грижа од Скопје.

„Некогаш во луѓето засекогаш ќе останат некои години, датуми и времиња. За мене секогаш, длабоко остана тој 13 март во 2008 година. Зошто токму тој датум? Како и секое дете кое сонува за своето детство, сонував и јас. Но, многу кратко. За мене тоа поглавје многу рано заврши“,ја започна својата приказна за Женски магазин Бојана. Ја контактиравме откако здруженито САНО на својот Фејсбук профил објави за среќната вест, а Бојана со радост прифати да го сподели своето искуство со нашите читатели. Искрено, без да ги изостави ни најболните детали од нејзината борба, таа се присети на целиот пат кој го изодела, од почетокот на болеста до моментот кога стана мајка.

„Морав да пораснам и да созреам пред својата генерација, и да се борам со едно опасно чудовиште кое се вика рак. Имав само единаесет години кога отпатував во Белград со мајка ми во Институтот за мајки и деца. Не знаев што ми се случува со животот, ниту за мојата болест. Она што го дознав е дека морам да останам таму неколку дена на некои анализи, и дека веднаш потоа ќе си одам дома“, ни раскажа Бојана. Враќајќи се назад во најтешкиот период, таа вели оти некој немир ѝ зборувал дека ќе остане цела вечност и засекогаш ќе биде врзана за болницата.

„Кога стасавме на одделението за хематологија на лицето на мојата мајка течеа солзи како никогаш до тогаш. Ја прашав зошто плаче. Дали нешто крие од мене? Само ме погледна и ми рече: „Извини сине, немам храброст да ти го кажам тоа“. Не стаса ниту да ја заврши реченицата, веќе се појавија неколку медицински сестри и докторот, кои со рака ми покажуваа да ги следам во амбулантата. Докторот и сестрите ми даваа информации што ќе ми прават. Тогаш сфатив некои работи, но сѐ уште некои слики не ми беа јасни. Зошто сум тука со деца кои се шишани кратко или немаат коса, немаат трепки, изгледаат многу бледо, кревко и немоќно? По некое време добив одговори на сите прашања кои ме мачеа. Сфатив дека сум родена да бидам дел од нив и дека заедно ќе се бориме за своите животи“,е дел од приказната на Бојана.

Нејзиниот живот потоа почнал да се менува од корен. Расплакана и исплашена, седејќи на креветот од болничката соба, добила повик од сестрата да го направи вториот дел од анализите. Набрзо, за 11 годишното девојче следел нов шок. Докторот ѝ соопштил дека треба да се направи вадење на коскената срж од колкот и лумбална пункција.

„Тоа е постапка со која од каналот на  'рбетот се зема мала количина на течност. Таа болка е неопислива, нема збор со кој може тоа да се опише. Потоа докторот ми рече дека морам да одам на фризер и да се шишам, затоа што од прејаките хемотерапии ќе ми падне косата. Мојот живот запре во тој момент. Плачејќи го прашав: „А, што се тоа хемотарапии? Зошто морам да се шишам?“,сподели Бојана.

Кога се вратила од фризер во болницата, наодите веќе биле готови. Вели дека нестрпливо чекала да дознае што ќе се случува со нејзиниот живот.Симптомите на болеста биле оток на левото око и губење на видот.

„ Докторот ми кажа дека имам тумор на мозок, во левата орбита на саркомот. Моите шанси да се излечам беа само еден процент, затоа што туморот веќе беше во сериозен стадиум“, со болка се сеќава Бојана.

Првата хемотерапија, таа вели дека ја доживеала како отров кој ѝ тече низ вените, кој сѐ околу неа полека убива.

„Моето тело почна да се заледува од тие отрови и полека да се менува. Мачнините веднаш почнаа, чувствував како трепките да ми паѓаат. Моето здравје стануваше полошо“ додава Бојана. Имало моменти кога си мислела дека нема надеж за неа, и често сакала да се откаже од борбата мислејќи дека залудно се мачи.

По хемотарепијата, состојабата на Бојана сериозно се искомплицирала. Се здобила со излив на крв во белите дробови, зголемено ѝ било ткивото на белите дробови, одеднаш почнала да слабее.

„Не си ги чувстував сопствените нозе.Кога се обидов да чекорам, паднав на подот. Почнав да врескам на сиот глас дека станувам инвалид. Еден долг период се обидував да научам повторно да одам, како дете кое почнува да учи чекор по чекор. Мојот свет и надежите секој ден сѐ повеќе умираа и не се надевав дека ќе преживеам. Докторите секој ден доаѓаа и ѝ соопштуваа на мојата мајка дека нема никаков напредок кај мене. Родителите секој ден ме молеа да одиме кај некои луѓе кои лечат со треви, затоа што докторите не даваа надеж дека ќе успеам. Никогаш не се согласив на тоа. Едноставно, мојот став беше само вербата во Бога“, додаде Бојана.

Кога дошла на ред петтата хемотерапија, докторите ѝ рекле да стисне заби, затоа што ќе биде многу поболна од останатите.

„По првата капка на тој отров кој повторно течеше низ моите вени довив температура 43. Докторите и сестрите ме полеваа со алкохол, правеа разни интервенции, но сите како да го чекаа крајот. Онака сета опиена од алкохолот и од предолгата борба која траеше веќе две ипол години ја замолив мајка ми да ме остави сама во собата и да го изгаси светлото, ѝ реков дека сакам да се одморам“, вели Бојана. Тогаш, според неа се случило нешто необично.

„Кога ја свртев главата на другата страна онака опиена, по неколку минути во мојата соба осамна некоја чудна светлина.Прашав: „Мамо, зошто се врати?“. Во тој момент, не го слушнав гласот на мојата мајка, туку некој друг, непознат глас. „Кој си ти? Што сакаш од мене“, го прашав. „Отвори ги очите. Јас не сум мајка ти, јас сум Свети Василије и дојдов да ти помогнам сега, кога ти е најпотребно затоа што веруваше во мене. Дојдов да те спасам. Од среќа и од плачење не можев да си дојдам на себеси, не можев да ѝ кажам на мајка ми што всушност се случи“, раскажува Бојана за вечерта за која верува дека токму тогаш се излечила.

„Од таа вечер до сега поминаа 11 години. Секогаш велам дека треба да се мисли позитивно, а верата во Бога е најбитна“, е мислата која ја турка напред оваа млада жена. Силата, вели таа, ја црпиме од многу нешта, од љубовта која ни ја даваат луѓето, а најчесто од вербата.

„Најголемата поддршка во тие моменти ми беше семејството, секако без нив ништо немаше да можам, тие ми даваа ветер во грб и волја за живот. Сепак, мислев дека ова чудовиште од рак ќе ме совлада. Но, мојата волја да се излечам беше посилна од него“, вели Бојана.

Од пред две години, нејзинот живот стана многу побогат, таа ја запозна љубовта на својот живот. Приказната на Бојана и на Марко започнала сосема случајно, во хотелот во кој таа работела.

„Се организираше некој семинар во хотелот, тој беше тука за време на семинарот во текот на десетте дена. Се шегував со Марко дека е женет и дека треба да се врати дома, кај семејството. Тој се смееше на овие мои шеги и ме праша: Од каде знаеш? Онака дрско му одговорив дека сум видела слика од неговата венчавка. Но, тоа не беше точно. На таа венчавка, тој беше кум“, низ насмевка раскажува Бојана. Набрзо потоа, таа и Марко се договориле да излезат. На почетокот, гледала само пријател во Марко, но подоцна се развиле и други емоции.

„Ги криев емоциите длабоко во себе. Веднаш му раскажав сѐ за мојата болест и дека немам последици од неа. Марко ми даваше голема поддршка, иако кратко се знаевме. Потоа решивме да основаме семејство и следеше еден тежок период за нас. Бев осудувана од страна на многумина дека не можам да имам деца, дека не треба да имам деца затоа што мојата болест може да се пренесе и на детето. Марко секако застана на моја страна затоа што знаеше дека тоа не е точно. И покрај сите препреки да не разделат, ние испливавме заедно, никогаш посилни, и успеавме во сѐ“, раскажува Бојана. 

„Отсекогаш верував дека ќе станам мајка, наспроти тоа што некаде длабоко во мене се плашев. Но, со Марко сѐ беше полесно и побезболно. Да бидеш родител е голема љубов, неописливо чувство и најубавиот дар од Бога“, вели Бојана.

„За време на бременоста сѐ одеше како што треба, сите наоди беа во ред. Го направив нифти тестот веднаш на почетокот и дознав дека носам девојче. На мојата среќа ѝ немаше крај, затоа што Марко сакаше токму девојче. Морав да се породам со царски рез затоа што бебето беше крупно, а јас ситна. Не се плашев од породувањето, тоа е најубавото чувство кое жената може да го доживее, веднаш сѐ се заборава кога во рацете ќе го земете својот ангел“, ни раскажа Бојана.

Леона сега веќе има два месеци, а младата мајка раскажува дека е многу напредно, живо и насмеано бебе. На почетокот, околу чувањето на Леона, таа и сопругот имале помош од неговото и од нејзиното семејство, а сега, обврските ги завршуваат самите.

„Се снаоѓаме одлично, моето чувство е дека никој не може да се грижи за детето како мајката. Леона ми помогна да верувам во чуда во оној момент кога дознав дека сум бремена. Мојот живот започна тогаш и верувам дека сѐ се случува со причина. Таа е причината на мојата среќа“.

Бојана за крај се сеќава на ланската конференција во Струга. Вели дека е воодушевена од градот, и од културата на народот и има додава оти има само пофалби за Македонија. „На многумина од присутните им ја подигнавме свеста за ракот, како да им помогнат на децата за време на лечењето, како да ги прифатат на училиште кога ќе се вратат по лечењето. Зборувавме и за исхраната и за начинот на живот. За оваа болест треба отворено да се зборува, затоа што ракот не е баук“,вели Бојана.

Нејзината приказна, сепак има среќен продолжеток. Бојана завршила висока школа за хотелиерство, но во моментов не работи, трудејќи се да го помине времето со сопругот и со ќерката на најубав можен начин. „Сега ми е работа да уживам во улогата на родител. Леона е мојот центар на светот, мојата неизмерна љубов. Младата мајка за крај вели дека во својата борба немаше да успее без семејството, а најмногу ѝ е благодарна на својата мајка. 

 

Милица Џаровска